Сподели знаење 1.11.2008 во 12 часот

И оваа сабота продолжуваме на истото место каде минатата недела се одржа „Сподели знаење“.

Може да се навратиме на темата виртуелизација, а на дневен ред додаваме и:

1. Билдање кернел прилагоден за специфичен pc хардвер;
2. Вовед во rkward - графички фронтенд за R

Можеби ќе се презентира и нешто друго... секогаш нешто излегува - тоа е и убавината. Можете и вие да дојдете со некоја идеја, презентација, прашање.

СподелиКино: фан-филмот „Војна на ѕвездите: Откритија“ на 3.11.2008 во 21 часот во Мала Станица

СподелиКино продолжува со филмот „Војна на ѕвездите: Откритија“ (Star Wars: Revelations). Овој филм е снимен од фанови на серијалот „Војна на ѕвездите“ со буџет од околу 20тина илјада долари.

Дејствието во филмот се случува помеѓу „Revenge of the Sith“ и „A New Hope“ и се обидува да објасни зошто џедаите се истребени во оригиналната приказна на оваа сага.


Филмот е издаден на 17 април 2005, само еден месец по „Revenge of the Sith“. Бидејќи снимањето траело истовремено со последниот официјален Star Wars филм, има некои несогласувања околу настаните и хронологијата. Но, и покрај тоа филмот се смета за најдобар фан-филм.

Локацијата овој пат е Мала станица. Проекцијата почнува во 21 часот.

Почнува Сподели Кино за оваа сезона

Конечно... почнува нова серија проекции под капата на „Сподели кино“. Овојпат, денот е понеделник 27.10.2008 во 20 часот во Културниот центар Точка.

Како и секогаш и оваа сезона ќе не интересираат технологија, нови медиуми, култура и политика преку документарци, играни филмови и клипови. Општи етикети за содржините кои ќе ги прикажуваме се: слободен софтвер, слободна култура, заедница, гикови и хакери.

Почнуваме со забава а тема за првото издание ќе биде што друго ако не најнрдовската тема од сите теми... темата над темите: Војна на ѕвездите. Нормално, ние ќе ја разгледуваме преку клипчиња на фанови кои наоѓаат нови начини како да ги искористат изворните наративи. Ако има интерес, може да се поделиме на табори и да дискутираме кој е подобар: Леа или Падме.

Продолжува „Сподели знаење“ за оваа сезона

Иако со поголемо закаснување, „Сподели знаење“ продолжува оваа сабота 25.10.2008 во 12 часот. Вашиот омилен неделен хепенинг, каде „тие што не знаат прашуваат, а тие што знаат одговараа“ оваа недела ќе се занимава со три теми:

1. Виртуелизација: KVM наспроти конкуренцијата;
2. Awesome-атични менаџери на прозорци и што со нив?
3. (ре)Хакирање на безжичен рутер

но можете да дојдете и со свое прашање...

Важно: „Сподели знаење“ промени локација и сега се случува тука. (п.с. - барајте ја жолтата гаражна врата :-)

Лугархија - нов е-зин од Битола

Со голема гордост ви го претставуваме „Лугархија“, е-магазинот кој неколкумина ентузијасти од Битола го подготвуваат.



На „Лугархија“ може да се гледа како на магазин во кој ќе бидат разгледувани тематики околу слободниот софтвер, развој на софтвер, активизам и идеологија. Во обид да се рашири зборот за него, ќе биде печатен ограничен број примероци од секое издание кој најверојатно ќе биде разделен по средните школи во Битола, а по потреба и во други градови низ Македонија.

Помеѓу другото, магазинот ќе информира и за работата на Лугола, gnu/linux корисничка и активистичка група од Битола :-)

Ден на слободен софтвер 2008

Светскиот ден на слободен софтвер во Македонија беше прославен на 4. октомври 2008.

Денот на слободен софтвер веќе трет пат се организира во Македонија, а „Слободен софтвер Македонија“ секогаш зема учество во организирањето. Така беше и оваа година.

Настанот помина добро. Оние кои веќе се познаваа имаа прилика за уште едно дружење а имаше и некои нови лица кои се појавија заинтересирани да дознаат нешто повеќе.

Планот беше настаните да бидат што понеформални.

Вечерта претходно, неколкумина членови на заедницата разделија летоци на места каде се собираат млади. Некои од луѓето што сме ги заинтересирале се појавија утредента. Истата вечер се дорежаа и дисковите со специјално подготвениот Ubuntu Linux за оваа пригода кој дополнително вклучуваше и слободен софтвер за други оперативни системи како и филмот „Укради го овој филм“ кој зборува за пиратството во Шведска. На дискот имаше и дизајни и фотографии од уметниците кои ни се приклучија за настанот.

дискови и летоци за сфд 2008

Вообичаено за „Сподели знаење“, неделната активност на 2с.мк која ја организираме за заедницата, саботата започна во културниот центар Точка каде пакувавме дискови и разговаравме за слободен софтвер и слободна култура. Им раскажавме на новите луѓе за што се работи и им дадовме краток преглед за идеите за слободен софтвер и слободна култура. Ги запознавме со содржината на Ubuntu Linux дисковите кои ги делевме.

Откако го подготвивме големото платно на кое младите уметници ќе сликаат, во 14 часот групата се упати накај градскиот плоштад каде на поширок круг на луѓе ќе им делиме информации за слободен софтвер и слободна култура.

stand on the shoulders of giants

„Оптегнатото“ платно привлече внимание на плоштадот иако паралелно се случуваа повеќе настани на исто место. Сликарите веднаш се зафатија со работа и за кратко време free software се најде нацртано на платното.

Сликарите сликаат

Разделивме информации на многу минувачи а некои од нив застанаа да постават прашања. Имаше луѓе кои дојдоа да постават конкретни прашања а повеќето со кои разговаравме имаа генерални прашања за настанот и активностите.

Платното во целост

Се на се, настанот помина подобро од очекуваното. Претпоставувам дека дел од луѓето што навистина се заинтересираа ќе поминат некогаш на „Сподели знаење“ или „Сподели кино“ каде ќе можеме да оствариме посодржаен контакт.

Ден на слободен софтвер

Слободен софтвер Македонија ќе го прослави денот на слободен софтвер на 4.10.2008 година организирајќи презентации за слободен софтвер и слободна култура.

За таа цел, во 14 часот на плоштадот Македонија, група уметници колаборативно ќе сликаат платно посветено и инспирирано од овој ден.

Претходно во 12ч. , во културниот центар Точка, заинтересираните ќе можат да дојдат и да се информираат околу идеите за слободен софтвер, слободна култура, како и да се запознаат со активностите на „Слободен софтвер Македонија“ и идеите за понатаму.



Во текот на целото ова време, ќе делиме дискови со слободниот оперативен систем Ubuntu Linux, модификуван токму за оваа пригода со дополнителни пакети и содржини од уметниците кои за овој ден ни се придружија. На дискот има и слободен софтвер за други оперативни системи како и филм за слободната култура.