Сподели кино #9, 26.06.2007, 20 часот [Точка]

ОК. Сподели кино продолжува по својот распоред. Вторникот што доаѓа, на 26ти, ќе го гледаме „Good Copy, Bad Copy“, документарен филм за моменталната состојба на авторските права и културата. Главниот режисер на филмот е Хенрик Молтке, а целиот тим е тука - тоа е и местото каде што можете да си го симнете филмот ако не доаѓате во Точка.

Повеќе информации за филмот има и на BoingBoing.

Да речеме дека ова е главниот настан за киното на 26ти. Но, имаме многу материјали од самиотот кои би сакале да ги споделиме со скопската публика, па ако остане време може да пуштиме уште нешто.

Метаморфозис го откажаа Џои Ито во Точка

Само што дознав дека наместо договореното предавање на Џои Ито во Точка, Метаморфозис, за жал, решиле дека нема да има време за тоа.

Ова го дознавам откако веќе е донесена одлуката и покрај тоа што претходно направивме план со Метаморфозис како да се најдат 30 минути меѓу прес конференциите во Холидеј Ин и концертот на Душан Јаневски во Точка.

Жал ми е што настанов нема да се одржи и нема да го видиме Џои Ито во една порелаксирана и неформална дискусија. Знам дека настанот предизвика интересирање кај широка популација на луѓе, но во моментов тоа е надвор од мојата моќ да ја сменам одлуката на Метаморфозис.

Затоа ако мислите дека мрежата на луѓе може да изврши притисок и да промени нешто, адресите на кои можете да се обратите се info@metamorphosis.org.mk, nikola@metamorphosis.org.mk или bardhyl@metamorphosis.org.mk .

Екслузивно: Џои Ито, „Wow vs. Second Life“, 19.06.2007 20:30 [Точка]

Метаморфозис во вторник организира промоцијата на Криејтив комонс лиценците во Македонија, со серија активности кои ќе го одбележат овој значаен настан.

Промоцијата почнува во 18 часот во Холидеј Ин со воведен збор од Џои Ито, потоа продолжува со концерт во Точка.


Во неврзана средба на iSummit-от со Марсел Марс од Ми2.хр, и Џои Ито падна договорот во Точка од 20:30 Џои да одржи предавање на една малку поинаква тема, насловено „Wow vs. Second Life“.

Џои Ито ова предавање го одржа минатата година за време на Берлинската хакерска конференција 23C3, овој пат на задоволство на македонската заедница на слободен софтвер и македонската заедница на World of Warcraft и Second Life ќе имаме неверојатна можност да го погледнеме Џои Ито во живо, во Точка 19.06.2007 во 20:30 часот.

Потоа ќе уживаме во концертот на македонскиот диџеј Душко Јаневски, кој издава музика под Kриејтив комонс, кој се организира од страна на Метаморфозис во рамките на промоцијата.

iSummit, ден 3 - самитот заврши.

Новица: Утринска сесија со Лоренс Лианг, Бодо Балаз, Ханс Вестерхоф. Темата беше: од CC до пиратство, од пиратство до јавен домен. Ханс од холандскиот архив започна со предавање за тоа како тие планираат да го дигитализираат холандското културно богатство и притоа да употребат некои послободни лиценци. Одличен пример за тоа како државата треба да се грижи за културното богатство.

Лоренс и Бодо зборуваа за „пиратството“, зошто настанало и зошто не може да постои екосистем на слободна култура без „пиратство“. Две одлични предавања се надевам ќе имаме шанса да ги прикажеме.

Потоа бевме на работилници за простори за слободна култура. Повеќе прочитајте овде.

Вечер ќе одиме на скара со риба. :)

iSummit, ден 2, попладневна сесија

Новица: Попладневната сесија започна со дискусисја за тоа зошто уметниците (пред се оние кои се занимавааа со визуелните уметности) не користат слободен софтвер. Марцел Марс ја започна дискусијата со неколку умешни провокации кои ја ангажираа публиката. Разговорот се водеше воглавно околу тоа дали има слободни апликации кои се еднакво добри како неслободните, па дали уметниците треба да бидат „ангажирани“ и да користат слободен софтвер, па се до тоа дали уметниците се чувствуваат загрозени/загрижени од тоа што сите апликации кои им се на располагање и кои не се слободен софтвер се од Adobe. Потоа дискусијата отиде во насока за тоа кој ќе ги поттикнува уметниците да користат слободен софтвер и кон која група треба да биде насочено тоа.

Тим Виден, уметник од САД, дискутираше дека развивачите на слободен софтер треба да ги поучат пред се младите уметници (старите не, бидејќи тие -како него- веќе се навикнале на неслободен софтвер) да користат слободен софтвер. Тогаш вашиот известувач се вклучи во дискусијата со образложение дека е неодговорно да се бара такво нешто од развивачите, ами дека уметниците кои знаат повеќе (како Тим) треба да ги поучуваат младите, бидејќи младите уметници секако ќе се свртат за пример кон некој од својата фела - постар уметник, гуру, учител или што и да е. Ова е во контекст на една мисла која се провлекува низ целата конференција - дека најмногу учиме од своите пријатели. А пријателите на уметниците сигурно во најголем број се исто така уметници.

Вечерниот keynote беше со Јохаи Бенклер за неговото истражување за богатството на мрежите. Да бидам искрен нема шанси да го прераскажам ова предавање. Со еден збор, беше за контрола наспроти слободата.

Миша: Паралелно со дискусијата од попладневната сесија каде Новица присуствуваше, се одржа и предавање за The Philosophy of the Commons. Интересно беше излагањето на David Berry од Универзитетот Swansea кој, според еден негов филозофски есеј се обиде да изнесе теза дека движењето за криејтив комонс се занимава со сферата на секојдневието и досега не успеало да произведе единствена и креативна критика на сегашното општество во тој домен, како што тоа успеало да го направи движењето за слободен софтвер. На ова се надоврза и Benjamin Mako Hill кој повика на попрецизна дефиниција за тоа што е слободна култура.

Ова предизика реакции и од Лесиг, кој во дополнителен коментар, сега во улога на публика, проба да објасни дека движењето за слободен софтвер е единствено затоа што целта на програмерите е иста, за разлика од движењето на криејтив комонс кое обединува уметници со тотално различни мотивации. Ова мене не ме убеди премногу затоа што лично, во овие активности гледам потреба од промена на status quo-то. Како и да е, дискусијата беше интересна и го покажа јазот кој постои помеѓу криејтив комонс и слободниот софтвер.

iSummit, ден 2 , утринска сесија

Утринската сесија започна со интересна шесторка составена од Jimmy Wales, Wikia; James Boyle, CC Learn; Mark Surman, The Shuttleworth Foundation, SJ Klein, OLPC, модерирана од Ronaldo Lemos, председател во iCommons. Насловот на панел дискусијата беше Иднината на отвореното образование. Секој од присутните имаше навистина интересно излагање. Jimi Wales зборуваше за образованието во Сангам Вихар во Индија, искуство кое го имал на едно од неговите патувања, и користење на википедија во образованието, меѓу другото заклучи дека Википедија во моментов не е погодна за ученици од школска и предшколска возраст, поради академското ниво на статии кои се наоѓаат во една енциклопедија.

SJ успешно го презентираше OLPC проектот и ги изложи техничките но и логистичките придобивки но и предизвици, искуството со учениците во Нигерија и желбата на наставниците за вклчување на зелената мала машина во образовниот процес, со содржини погодни за наставата која ја посетуваат учениците.

Сесијата ја заврши Џејмс Бојл од CC learn, со презентација на нивата Криејтив Комонс за едукација програма кој би требало да започне од есенва оваа година, најави дека нема да има нова лиценца за едукативна примена, и потенцираше дека ќе се посветата на работа со луѓето вклучени во едукативниот процес како настваници, автори на учебници за прифаќање на слободната култура во образованието и ползување на плодовите од начинот на функционирање во рамките на образвониот процес. Заврши со фактот дека грешки сигурно ќе постојат, но поради шансата кој секогаш постои при ваков начин на работа, и отвореноста на содрѓините и процесот на работа, грешките ќе бидат во можност и да ги поправат.

Присутните беа активни со поставување на прашања и упатија честитки за активностите, осенувајќи ги како навистина важни бидејќи потсетија дека навистина недостасувало делување на полето на образованието.

iSummit, ден 1

Игор: Конференцијата официјално започна денеска, утринската сесија ја започнаа претставниците на ајКомонс, Томи Медак и Хедер Форд.

Првата сесија ја водеше Џои Ито, со мај трејлер од Стар Врекс ин тхе пиркинкс, а потоа следеше презентација на мрежни сервиси кои нудат слободна музика Џамендо, магнатјуне и Лофтворк.

Во втората сесија конференцијата се подели на 4 ленти кои нависитна е тешко да се следат затоа што има навистина квалитетни предавања, но и работилници.

Успеав да го проследат предавањето на Кори Доктороу и последниот дел од предавањето за функциорање на онлајн заедниците кои се создаваат околу некоја, идеја, софтвер, проект, слободна култура или сл...

Новица: Остатокот од екипата беше на предавањето за заедниците. Од она што го чувме најголемиот број на заедници фунцкионираат како нашата и ги имаат истите проблеми. Не знам дали тоа е добро или лошо, но барем знаеме дека не сме сами. :) Она што можеше да се извлече како поука е дека за да биде успешна било која заедница треба: 1. да се направи основна критична маса (снежна топка која ќе почне да се тркала) и 2. влезот во заедницата да биде со што е можно помалку пречки - т.е. бариери за влез да нема. Ќе оставам другите да пресудат како ова изгледа кај нас.

По ова следеше „отворен пристап до јавни информации“ кое ми се виде интересно. Оттаму можам да кажам дека Македонија има еден од под подобрите закони за авторски права во светот. Австралија на пример е целосно заебана. Оваа сесија ја напуштив набргу по тој впечаток и се упатив на сесијата за отворено образование. Таму имаше одлични презентација/работилница за тоа какви проекти во образованието има низ различните земји во светов. Австралија пак беше лош пример. Таму училиштата трошат околу 60 мил. авст. долари за плаќање авторски права за учебници кои меѓу себе си ги продаваат. Лошо. Затоа полно луѓе во Австралија работат на правење слободни учебници.

Следеше пауза во која се дружевме со Мако Хил и Ес-Џеј од OLPC. Си игравме со едно OLPC и разговаравме за можноста да донесеме неколку во Македонија.

Потоа повторно на предавање за политички активизам на Интернет. Кори Доктороу дебатираше за тоа дека било какво користење на Интернет е активизам и дека доволно е само да инсталирате Firefox на пријателите за да го дадете својот придонес.

На крајот ги гледавме Лоренс Лесиг и Џонатан Зитрејн. Џонатан, покрај тоа што беше поучен, беше особено забавен и интересен. Раскажуваше за тоа како технологиите работат и кои се тие кои носат најмногу корист - се разбира тоа се отворените технологии. Нивната отвореност понекогаш прави проблеми (видите SMTP и SPAM), но тоа не значи дека треба да ги напуштиме и заборавиме.

Лоренс Лесиг го гледавме за прв и последен пат. Одржа презентација слична по форма на онаа за слободна култура што ја гледавме во Скопје, но на малку поинаква тема: поентата беше дека движењето останува на „нас“. Лоренс Лесиг го најави своето повлекување оставајќи полно луѓе во мал шок.

Вечерта повторно дружење, посета на изложба на уметниците од самитот и малку слободна музика.

Денес почнува нов ден се надевам исто толку интересен.

П.С. Очекувајте интересно „Сподели“ овој вторник. Веројатно ќе има повеќе информации за ова во следните 24 часа.

Сподели Дубровник: iSummit07 - воведен ден

Станавме рано, се регистриравме за самитот и добивме мини пакетче со поклони: програма, беџови и налепница спакувани во црвена CC торба за на плажа. Фенси.

Воведниов ден помина без некои поголеми фрки освен тоа што дел од екипата е малку подизгорена од дубровничкото сонце.

Вечерва имаше мал коктел каде беа присутни сите главни фаци: Лери Лесиг, Мако Хил, Кори Доктороу...

Потоа, кино сесија со неколку интересни филмчиња. Очекувајте „СподелиКино“ во Точка со истите содржини.

Утре почнува главниот настан. Веројатно ќе се делиме во групи за видиме што е можно повеќе од предавањата и работилниците. Се надевам ќе има повеќе содржина на блогов од тие настани.

Сподели Дубровник :)

Екипата од Македонија пристигна во Дубровник. Се сместивме и сега нешто читаме пошта. Утре почнува iSummit07 и можеби ќе известуваме за некои интересни работи преку блогов.

Патем, СподелиКино#8 беше одлично, се разви интересна дискусија за Википедија и некако ми е жал што моравме брзо да ја напуштиме Точка - но тоа е тоа, моравме да патуваме.

Се надевам ќе имаме уште такви интересни собири во иднина.

Поздрав од Дубровник! :)

Сподели кино #8, 12.06.2007, 20 ч. [Точка]

Овој вторник во Точка ќе го гледаме Џими Велс, основачот на Википедија, со свое предавање за најголемата светска енциклопедија. Исто така ќе гледаме и едно кратко филмче за тоа што е Wiki, како тоа функционира и сл.

Овој пат ги поканивме и главните македонски википедијанци да дојдат за да кажат нешто повеќе за проектот википедија на македонски.

Се гледаме во вторник!

Сподели кино #7, 05.06.2007 [Точка]

Овој пат во Точка темата ќе биде „изборот“. Малком Гледвел и Бери Шварц дискутираат за тоа дали изобилството на избори во модерното општество е добро или лошо за обичниот човек, но и за бизнисот:

Дали е добро што има многу различни видови кечап и фармерки?

Уште една TED вечер која можеби ќе биде проследена и со мало изненадување. Не пропуштајте!

П.С. Имаме еден ClassmatePC и ќе го тестираме. Ќе бидеме во Точка од 18 часот. Подоцна може и да зборуваме нешто за образовните алатки на иднината - laptop.org и classmatepc.com.