Сподели знаење #14, 29.05.2007 [ФЕИТ]

Еве што се планира за следново споделување:

Јован Костовски: Можам да спремам нешто за водење на проекти за слободен софтвер. Како да се координираат, да се привлечат нови луѓе во проектот, да се „изрекламира“, како да се допринесува во развојот, како да се привлечат донатори... Планирав дискусија да биде, нешто општо набрзина и после да си го кажам јас моето искуство, а и другите да си кажат што имаат. ;)

Дамјан Георгиевски: Јас си мислам да пробаме да направиме PAN мрежа преку bluetooth. Јас, Миша и Игор имаме bluetooth, имам и едно usb-bluetooth dongle-че... па ќе видиме.

Митко Вета: Виртуелизација со qemu... Презентацијата му трае околу половина час.

Инаку, ова веројатно ќе биде последното „Сподели знаење“ оваа сезона. Па ако ништо друго дојдете за да се поздравиме. :)

Сподели кино #6, 23.05.2007 [Точка]

Update: Веројатно поради некој распоред во Точка проекцијата е преместена за во среда. Извинување за сите кои го планираа вторник. Се гледаме во среда!

Овој вторник повторно презентации од TED. На репертоарот е Wade Davis, признаен антрополог и етно-ботанист, кој ќе ја раскаже приказната за тоа како се прави нож од гомно.

Плус, по желба на публиката може да се пуштат и некои други филмчиња.

Точка, вторник среда, 2223.05.2007, 20 часот, се гледаме.

Белешки од Сподели знаење #13, 15.05.2007 [ФЕИТ]

Јас малку задоцнив на ова СЗ, сепак стигнав на време за да го видам Георги како објаснува за тоа што човек може да направи во Django и колку брзо и лесно се прави тоа. За жал времето не дозволи да видиме како истите работи можат да се направат во Pylons, но според коментарите на Дамјан, кој работеше на својот лаптоп, но не на проектор, можеше да се забележи дека отприлика работата се свршува со иста брзина (ако не и побрзо ;-)).

Она што сакав јас да го споделам со неколкуте студенти на ФЕИТ кои беа пристуни (Забелешка: Статистички гледано најголем дел од пристутните беа или се студенти на ФЕИТ, но оние кои се исто така членови на Слободен софтвер Македонија не ги бројам како студенти на ФЕИТ :)), е дека на Факултетот во Ниш, каде што не правевме ништо изминатиов викенд, нивните колеги имаат слични активности како нашево споделување на знаење.

Но, за разлика од нас, тие, од факултетот и локалната бизнис заедница, имаат добиено
целосно опремена просторија со компјутери, проектор, брз интернет, егрономски столици и сл. до која имаат постојан пристап (имаат клуч и можат да доаѓаат и да си одат кога сакаат). Исто така имаат добиено и огормен SUN сервер (хмм... не можам да ја најдам сликата од него), кој во времето на набавка чинел повеќе од двеста илјади евра.

Сакав ова да го напишам вака за да стои како некој потсетник за тоа што се случува и какви услови имаат младите хакери само 200 километри северно од Скопје. Кој знае, можеби некој од нашиве ќе прочита и ќе одлучи да го направи истото.

Сподели знаење XIII, 15.05.2007 [ФЕИТ]

Чујте и почујте, само овој вторник во вашиот град, спектакуларен настан, незаборавно искуство, најпопуларниот јазик за скриптирање, Python кој што го користи и Google, како подлога за изградба на 2 интересни и моќни web framework-ци.

Пресметка кај О.К. коралот, Глиша а.к.а Кајмакот, од едната страна презентира Django, Дамјан а.к.а Везилка од другата страна презентира Pylons. Во вторник двајцата ќе бидат на позиција да сработат што повеќе, почнувајќи апликација од почеток, па се до онаму до каде ќе успеат да стигнат. Иако „Django пуца први“, а сеуште не знаеме кој ќе победи.

Stay tuned, може да следуваат уште збиднувања...

Ништо не се случува :)


Во Ниш ништо не се случува на Електронскиот факултет со хакерите од Ниш, Загреб, Скопје, Сараево, Белград.

Повеќе фотографии.

„Ништо нема да се случи“ во Ниш

Во сабота, 13ти мај од 14.00 (или порано) до недела 18.00 (па и покасно) на ЕТФ во Ниш, GNU клубот ќе биде домаќин на хакери ентузијасти од Загреб, Скопје, Сараево, Нови Сад и Белград. Иако поради листата на гости ова може да ви звучи како меѓународен самит, овој гико-хакерски настан (дружба) гордо ви најавува дека исто како и во Сараево, ни тука „ништо нема да се случи“. За оние што сакаат имиња и брендови овој пат додаваме II и загради, па ќе добиеме: „Ниш(то) нема да се случи II“. Хаха. Па зашто да не.

Скопските хакер(к)и се собираат секој вторник на „Сподели знаење“ и тие вечери споделуваат знаење. Загребските хакер(и)и редовно се собираат секоја сабота на настанот познат како „Razmjena vještina“ и таму разменуваат вештини. Белградските хакер(к)и баш овие денови започнаа со организирање на инсталациони фестивали на кои што инсталираат GNU/Linux на разни уреди. Хакерите од Сараево се собираат секој четврток во Нансен, центарот за дијалог во Сараево и дискутираат за сите работи кои што ни се на сите нас интересни. Во GNU клубот нема ни хакери ни хакерки, таму секоја сабота се собираат доста млади луѓе, wanna-be хакери и останата багра која што успеа да ја намами хакерската заедница од регионот во Ниш овој викенд. Ако ништо друго разбравме дека набавиле пиво...

Во Ниш ќе се споделува знаење, ќе се разменуваат вештини и ќе се инсталира GNU/Linux на се што ќе ни дојде при рака.

Методологија: Кој не знае, прашува. Кој знае, одговара. Бројот на учесниците може да варира од еден на еден, преку еден до сите, па до сите во исто време.

Совет: За играта не се потребни само компјутери (иако никој не ни верува).

Happy hacking!

http://www.razmjenavjestina.org/
http://spodeliznaenje.blogspot.com/
http://gnu.elfak.ni.ac.yu/

Сподели кино #5, 08.05.2007 [Точка]

Воведувањето на дигитални ограничување за спречување за злоупотреба на копирајтот го надмина прагот на толеранција на обичниот корисник.



На 1мај се случувала вистинска дигитална револуција поради тоа што креаторите на digg.com,  се обиделе да извршат цензура врз клучот кој го декриптира HD-DVD DRM. Проблемот не бил во тоа што клучот излегол на интернет, интересно е што корисниците конечно нашле начин да го изразат гневот кој се напластувал сиве овие ДРМ години.



Бидете дел од револуцијата!



Кратки филмчиња за заштита од ДРМ, тематска вечер посветена на и околу

09-f9-11-02-9d-74-e3-5b-d8-41-56-c5-63-56-88-c0.

Сподели планина, 06.05.2007

Денес, и покрај неодлучното време, одлучивме да правиме тура Кочо Рацин - врв на Водно - Матка. Патот почна добро и со ентузијазам, но веќе на средно Водно изгубивме еден член од 10 (+ 1 куче) члената експедиција. Некаде пред врв почна да капе и тоа некако го доведе во прашање планот за одење до Матка, но падна одлука да продолжиме.

По освежувањето на врв со чај, рум, сендвичи и чоколадо продолживме кон Матка. Времето пак одлучи да заврне и тоа го растури тимот. Авантурата до крај ја продолжија Ирина, Оливера, Дамјан, Игор, јас (Новица), и кучето, додека останатата четворка (која нема да ја именувам ;-)) одлучи да се врати назад.

Како што обично бива, после 10-тина минути се расчисти и пукна сонце и патувањето до Матка беше уживанција. Убава природа има натаму, ливади, цвеќиња... Глетката накај Матка исто така е убава.

Целата тура траеше нешто помалку од 6 часа, а наградата дојде во форма на ладно пиво и мезе во едно кафанче покрај реката.

А да... и викеднов помина и никој не потегнува нешто за Сподели кино... :(

Извештај од СЗ #12, 02.05.2007 [ФЕИТ]

Иако во среда наместо на празничниот вторник (1 мај) Сподели знаење #12 помина поприлично успешно.

Илин Петковски, кој зборуваше на СЗ #6 за FLOSS безбедносни алатки, овојпат ни приреди едно особено интересно предавање за Onion routing технологијата.

Прво (на лаптопот со најголем монитор, пошто закаснивме за проектор :) ) зборуваше за технологијата и историјата на Onion рутирањето и практичната имплементација TOR (The Onion Routing). На табла сликовито и јасно, паралелно со прашања од присутните, ни објасни како работи и како би се рутирала една TOR сесија. Објаснуваше за двете можности на TOR анонимно рутирање (кога пред се клиентот е анонимен) и анонимни (скриени) сервиси кога серверот кој нуди некој сервис (пр. веб сервер) е анонимен.

Потоа пробавме и практично на лаптопите да инсталираме и овозможиме TOR клиенти и сурфање преку TOR со помош на privoxy (личното http proxy). Ама веќе беше доцна а и интернетот на ФЕИТ е ужасно, ужасно спор па го оставивме тоа за домашна задача.

По препорака на Илин треба, кој е во можност да одвои 20kb/s, да стане TOR рутер за да помогнеме и ја зголемиме севкупната анонимност на мрежата.