План за Сподели знаење #12, 02.05.2007 (среда!) [ФЕИТ]

Овој пат на ФЕИТ се наоѓаме во среда, бидејќи вторник е неработен ден.

Илин Петковски вели:

Планот е да се презентира Onion routing технологијата, инфраструктурата и начинот на комуникација. По теоретскиот дел планирам да изведам практична имплементација на Onion рутирањето со помош на Tor (http://tor.eff.org/). Практичниот дел може лесно да се изведе и со еден компјутер и интернет конекција. Но, она што би било навистина интересно да се направи е, мини Onion рутирачка мрежа, на самата презентација. За таа цел би било убаво да се соберат што повеќе компјутери може (најмалку 4-5), со цел да се прикаже прецизноста на работењето и „вистинитоста“ на локалната симулација.

Ако има време може ќе правиме и нешто друго. Прашања и предлози овде или на поштенска листа. Тој што може да донесе лаптоп исто може да се пријави.

Се гледаме во среда!

П.С.Традиционално на 2-ри се споделуваше скара. Тоа што овој 2ри е работен, значи дека не може да вадите изговор дека сте се запиле на пикник и не сте дошле на СЗ. :)

Сподели кино #4, 24 април 2007, [Точка]

После поприлично успешното споделување на ФЕИТ минатиот вторник, со повеќе оптимизам го најавуваме киното за 24 април. На плејлистата главен ќе биде Ханс Рослинг со своето предавање на конференцијата TED во 2006.

На предавањето Рослинг целосно ја разотркива приказната за третиот свет патем давајќи одговор на прашањето дали шведските студенти се паметни исто толку колку шимпанзата.Шведскиот доктор приредува шарено шоу со статистички податоци какви што не сте виделе порано истовремено презентирајќи софтвер кој сите можат да го користат за да видат како напредувала нивната земја на различните полиња на развојот.

И додека сме во Точка, ќе пуштиме и некое кратко видео кое се надеваме ќе ја насмее публиката.

Се гледаме во вторник! Почеток во 20 часот.

Извештај од СЗ #11, 17,04,2007 [ФЕИТ]

Јас само да соберам на едно место се што е напишано натаму-наваму.

Јован Костовски во коментар на претходниот запис:

И овој пат како и претходните се собравме на дружба и фино си поминавме. Глиша се уби од зборење и куцање на bash скрипти. Ги разглоби сите детали како да се конфигурира Груб за да покажува различни сплеш скринови. Направи нов сплеш скрин со GIMP и го закачи во конфигурацијата за тој да се прикажува на подигање на компјутерот. До најситен детал ги разглоби линиите код во bash и во python скирптата за менување на сплеш скриновите. Сите можевме да поднаучиме како се собира содржината на одреден директориум, како се генерира случаен (random) број и како се прават симболички врски кон датотеките во линукс. Спомна и нешто за run levels т.е начинот на подигање и искличување ГНУ/Линукс оперативниот систем. Скриптата за менување на сплеш скриновите ја имаше напишано во bash и во python, па можевме да видиме и колку поелегантно се решаваат проблемите со python.

На крај заклучивме дека ако не го исклучувате/ресетирате компјутерот често, ова задоволство, нема логика да го направите, али за да се направите глевен фраер у маало мора да го пробате пред другарчињата :)

Новица го донесе оперативниот систем на кој ќе работат OLPC компјутерите па го ѕирнавме и си поигравме со него.

На крај јас зборував за конфигурирање на firewall под ГНУ/Линукс. Дадов мал увод зошто ни е потребен firewall, кои се најчестите напади, како да си ја завршиме работата со ГНУ/Линукс, мала основа како работи iptables и за крај пуштив филмче, снимка од мојот десктоп како се конфигурира firewall со FWBuilder, ни заспа интернетот :(

За домашно добив две прашања:
1. Дали може искомпајлирана bash скрипта со правила за конфигурање на iptables да се вчита во FWBuilder?

Неможе. Реков и сношти, конфигурациските датотеки за iptables се bash скрипти, a FWBuilder ги чува конфигурациите на firewall-ите во XML формат.
Ова е добро барање за тимот кој го работи FWBuilder. Во основа би се свело на обратната операција од компајлирањето на XML скриптата во bash скрипта.

2. Дали може со FWBuilder да се конфигурира iptables да филтрира според содржина?

Неможе :( Со FWBuilder се дефинира само филтрирање на пакети и packet forwarding.

Инаку целиот пристап firewall-от да филтрира по содржина е погрешен.
Firewall-ите т.е. филтрирањето на пакети работи на ниво 2 (и многу ретко на ниво 3) од TCP/IP повеќеслојната архитектура.
Самото филтрирање на пакети зема доста време бидејќи работи толку ниско, па затоа филтрирањето по содржина е оставено за погорните слоеви, се користат Proxy сервери

Она што најчесто се користи е комбинација од филтрирање на пакети, филтрирање по содржина + веб кеширање.
Најчесто користената конфигурација е:
iptables + DansGuardian + Squid-Cache.

Ај за некое друго СЗ ќе си поиграме и со ова.

Геоги Станојевски на својот блог напиша вака:

Еве за тие што беа на Сподели знаeње 11, ги стаив груб сликите (3MB). Има некаде 90 слики, повеќете се од интернет што сум ги собирал а има некои јас што сум ги правeл.

Таму се и скриптите во bash и python кои би ја менувале при секое бутирање сликата на Груб. Има и коментари во нив што кое прави.

Јас на крај само да допишам дека бев супер изненаден кога видов поприлично зголемена група на луѓе пристуна на ова СЗ. Не знам дали случајно или како, но се надевам и во иднина ќе биде така па и попосетено.

Сподели Знаење #11, 17.04.2007 [ФЕИТ]

Овој пат дефинитивно не смеете да го пропуштите споделувањето на знаење од проста причина што подиумот го заземаат едни од најфаците во заедницата на корисници на слободен софтвер, башка и студенти на ЕТФ (ФЕИТ).

Јован Костовски ака Чомбе ќе спреми нешто за firewall-и под линукс и користење на FWBuilder за креирање на правилата на firewall-от, истовремено спроведувајќи го во пракса 10/20/30 концептот за презентирање на Гај Кавасаки.

Георги Станојевски ака Глиша ќе ви покаже како да си поиграте со splashscreen-овите во GRUB и притоа ќе објасни што е тоа GRUB и зошто е толку добро што се препорачува сите да го користат.

Редовните споделувачи исто така ќе бидат таму во случај да остане малку слободно време кое може да го искористат за некои трикови.

Не пропуштајте!

Сподели кино #3, 10 април 2007, [Точка]

Планот за проекција за 10 април е предавање на Cory Doctorow одржано во септември '06 на ToorCon8, хакерска конференција која се одржува во Сан Диего. Темата на изданието од 2006 е Bits & Bites.


Cory Doctorow
„п0седуван: холивудската војна за безбедност".

Предавањето покрива теми од областа на: DRM, MPAA, RIAA, trusted computing, The Electronic Frontier Foundation - значи авторски права, копирање на музика и филмови, нивна (за)штита на компјутери, како и за луѓето кои се активни на тие полиња во случајот EFF.

Cory Doctorow пак е СФ писател, блогер и новинар кој меѓу другото се залага за либерализирање на авторските права. Тој е промотор на Creative Commons. Темите со кои се занимава се DRM (digital rights management), filesharing, post-scarcity (економија на неограничени ресусри). Познат е и како уредник на BoingBoing.

Сподели Знаење #10, 3.04.2007 [ФЕИТ]

Бидејќи Дамјан, Новица и Игор се во Белград на Evening of freedom in digital society со FSF Europe еве јас ќе пишам.

Темата беше zeroconf/bonjour протоколот. Проекторот не ни работеше, ама Дамјан на табла многу убаво објасни кои се работите/можностите кои се добиваат со zeroconf/bonjour за поставување на мрежа и користење на мрежни сервиси.

Потоа со 5-те лаптопи (2Archlinux,2Ubuntu,1Windows) се поврзавме во мрежа и пробувавме неколку апликации со zeroconf подршка. Има многу малку апликации со поддршка за zeroconf/bonjour за Windows па тој лаптоп во суштина седеше за украс.

Rhytmbox и Amarok за пуштање музика имат zeroconf поддршка и многу лесно споделивме неколку фолдери со музика меѓу компјутерите. Поради autodiscovery-то на мрежните сервиси со zeroconf после 20 секунди откога Дамјан го вклучи kbattleship Миша и Гиле еден по еден се приклучија без да внесуваат сервери, порти и слично.

Дамјан и Миша исто направија малку муабет со gajim кој со zeroconf веднаш ги дознава новите gajim корисници во мрежата. Виктор и Гиле не успеаа бидејќи користеа Ubuntu.Prehistoric 6.04 старо година дена. :)

Zeroconf е интересен протокол особено за динамички мрежи со лаптопи и сите апликации на OLPC лаптопите ќе имаат zeroconf поддршка.

Интересно Сподели знаење.